Персоналот од Здружено Оперативната Команда како и претходните години досега активно се вклучи во акцијата „Ден на дрвото“ која овојпат се одвива под мотото „Засади здравје ! Засади своја иднина“.
Симболично во претпладневните часови на првиот снежен ден оваа есен 2013 година акцијата ја отпочна персоналот од командата на ЗОК предводена од командантот на ЗОК генерал мајор Методија Величковски, заменикот бригаден генерал Мухамет Рацај, началникот на штаб бригаден генерал Стојан Димчов и началниците на секции при што пред командата на ЗОК како и во кругот на касарната „Боро Менков“ беа засадени стотина садници од чемпрес и бор. Во засадувањето се вклучи и екипата на инспекциската контрола од МО на РМ која во текот на оваа недела врши инспекциски надзор на работата во ЗОК.
Во општокорисна иницијатива на засадување на садници евидентна е поддршката од страна на припадниците на првопотчинетите единици на ЗОК, првата механизирана пешадиска бригада, логистичката бригада баталјонот воена полиција и баталјонот за врски кои и покрај непреченото одвивање на дневните обврски масовно учествуваа во засадувањето на одредените локации од ЈП „Македонски шуми“ при што се очекува да засадат илјадници садници на вкупно 7 (седум) локации во гарнизоните Куманово на локалитетите во Слупчане и Старо Нагоричане, во Штип на локалитетот Ново Село, во Тетово на локалитетите Желино и Орашје, во Кичево на локалитетот Црвевци и во Прилеп на локалитетот Ропотово – Долнени.