Со потпишување на шестиот протокол кој се однесува на функционирањето на бригадата за Југоисточна Европа – СИБРИГ, заврши годишниот состанок на замениците на началници на генералштабови (ЗНГШ) на вооружените сили на земјите членки на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ).
Состанокот го отвори началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој поздравувајќи ги учесниците го истакна значењето на овој состанок за подобрување на меѓусебното разбирање и соработка.
Претседавачот на процесот СЕДМ, Н.Е Амбасадорот Елифтериос Ангелополус се осврна на вложениот труд и ефективност на земјите членки на иницијативата кои преку меѓусебната соработка и стандардизација на процедурите придонесуваат за севкупната безбедност во југоисточна Европа.
Домаќинот на состанокот, заменик на началникот на генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, во своето воведно обраќање истакна дека имаме чест да бидеме домаќини на годинешниот состанок во период во кој сме на крај од патот до полноправно членство на НАТО, со што веќе од идната година сите членови кои се дел од бригадата СИБРИГ ќе бидат дел од НАТО Алијансата.
По завршување на состанокот, генералот Нуредин истакна: „Особено можеме да се гордееме со фактот дека Република Северна Македонија покрај долгогодишното учество и придонес во бригадата СИБРИГ ќе биде домаќин на седиштето на командата во период од 2020 до 2026 година, за што континуирано ги превземаме сите мерки за овозможување на услови за нејзина целосна функционалност. Со тоа, покрај досегашното наше учество со механизирана пешадиска чета, инженериски вод и штабен елемент дополнително ќе дадеме придонес и со борбено сервисна поддршка, со што ќе ја покажеме нашата способност како доверлив партнер но и ќе ги зацврстиме нашите позиции во безбедносен контекст“.
За време на состанокот се презентирани позначајните активности во изминатата година на процесот СЕДМ и на СИБРИГ, како дел од овој процес.
По завршување на состанокот, генералот Нуредин оствари билатерална средба со својот колега од војската на Србија генерал-мајор Петар Цветкович, на која од двете страни беше потврдено дека севкупната комуникација меѓу двете земји е на високо ниво, со тенденција за натамошно јакнење и унапредување преку отворен и конструктивен дијалог за прашања кои се од заемен интерес.
Беше искажано задоволство од досегашното ниво на билатерална соработка, особено во делот на военото образование и обука, како и од заедничкото користење на капацитетите со кои располагаат двете армии.
СЕДМ процесот првпат беше инициран од Соединетите Американски Држави во 1996 година во Тирана, со цел јакнење на разбирањето, политичко-воената соработка и подобрување на стабилноста и безбедноста во регионот со целосна посветеност на принципите на сувереност и територијален интегритет на сите земји членки.
Во СЕДМ иницијативата покрај Република Северна Македонија партиципираат Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Грузија, Италија, Романија, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Хрватска и Црна Гора, а Молдавија има статус на набљудувач.