Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во рамки на официјалната посета на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, денес во Загреб оствари средби со министерот за одбрана, господин Дамир Крстичевиќ и со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал Мирко Шундов.
По пречекот со високи воени почести, Генералот Ѓурчиновски најпрвин во министерството за одбрана оствари средба со министерот Крстичевиќ каде се разговараше за меѓусебната соработка и можностите за продолжување и проширување на истата, како и за заедничките безбедносни предизвици.
Генералот Ѓурчиновски покрај изразената благодарност до Република Хрватска, која меѓу првите земји го ратификуваше протоколот за нашето пристапување во Алијансата, како 30-та полноправна членка, истакна дека посетата претставува можност за збогатување на меѓусебната соработка, преку споделување на хрватските искуствата од НАТО програмите за соработка.
Од страна на министерот Крстичевиќ се истакна дека полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО позитивно ќе влијае на севкупната стабилност на Југоисточна Европа, притоа напоменувајќи дека придонесот кој двете пријателски држави и армии го даваат кон Алијансата трае години наназад, особено преку учеството во мировните мисии Одлучна поддршка и иницијативата А5.
На средбата во генералштабот, тема на разговорот помеѓу генералите Ѓурчиновски и Шундов беше билатералната воена соработка на полето на заедничката обука и вежби, особено во областа на специјалните и воздухопловните сили.
За време на денешниот престој во Загреб пред воената делегација е презентирана воената опрема и вооружување на ВС на Хрватска, а во текот на денот делегацијата ќе го посети и центарот за меѓународни воени операции во Ракитје и фабриката „ХС Продукт“ во Карловац.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Република Хрватска во изминативе години се одвива пред се на полето на воената едукација на наши припадници на воено образовните институции во Хрватска, како и учество на заеднички воени вежби и обука.