На ден 19.02.2014 година на минерското вежбалиште на полигонот „Стенковец“ согласно Планот за обука на инженерискиот баталјон од составот на 1. механизирана пешадиска бригада беше реализирана практична обука и извежбување на тема „Изработка и палење на мрежи за фитилно палење“. Целта на обуката е припадниците од инженерискиот баталјон да се извежбаат во правилна, брза и сигурна изработка и палење на бавногорлива запалка, сигурно ракување со експлозив, изработка на фитилни мрежи за палење на експлозивни полнења како и со познавање и примена на мерките на техничка заштита при изработка и палење на експлозивно полнење со бавногорлива запалка.
За време на вежбата, од страна на припадниците на инженерискиот баталјон, како единица специјализирана за изработка и употреба на минско-експлозивни средства, беа изработени три типа на мрежи (наизменична, паралелна и комбинирана) за палење на експлозивни полнења со детонаторски фитил.
Ваквите вежби со боеви минско експлозивни средства се карактеристични поради користење на ТНТ (тринитротолуол), кој е со голема експлозивна моќ поради што е потребно да се обрати особено внимание на мерките за безбедност. Од страна на командирите на чети и водови, успешно беа имплементирани претходно стекнатите искуства и знаења за пропишаните начини за ракување при работата со експлозиви и средства за палење, што беше основен предуслов за сигурност и успех во реализирањето на вежбата.