Денес, 30-ти октомври, Министерот за одбрана Талат Џафери и Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини остварија средба со медицинскиот тим на АРМ кој во наредните шест месеци ќе учествува во петнаесеттата ротација на мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина. На средбата присуствуваше и Директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, заменикот на командантот на бригадата за логистичка поддршка, командантот на Воено-медицинскиот персонал и клучен персонал од МО и ГШ на АРМ.
Министерот Џафери изрази задоволство од досегашната работа на медицинскиот тим на АРМ во мисијата АЛТЕА, при што нагласи дека професионалното извршување на задачите во наредните шест месеци ќе биде главен предуслов за продолжување со успешното претставување на АРМ и Република Македонија во мисијата на ЕУ.
Генералот Сејдини истакна дека медицинскиот тим на АРМ во изминативе шест години на најдобар начин ги покажа спосбностите и интероперабилноста на АРМ во рамките на АЛТЕА, но и дека даде огромен придонес во афирмацијата на АРМ и Република Македонија.
Медицинскиот тим на АРМ е составен од 10 лица, стручен медицнски и помошен персонал, чија задача во рамките на мисијата АЛТЕА е обезбедување на општа медицинска помош за потребите на силите на ЕУФОР, кои се сместени во кампот Бутмир кај Сараево.
Учеството на АРМ во мисијата АЛТЕА како дел од силите на ЕУФОР е од огромно значење за афирмацијата на Република Македонија, но и за промоција на оперативните способности на АРМ во делот на санитетското обезбедување.
Медицинскиот тим на АРМ деновиве ги завршува последните подготовки пред поаѓање за Бутмир, така што редовната ротација е планирано да се изврши на почетокот од месец ноември.