Денес (19.03.2014) година во водухопловната бригада се изврши дислокација на цистерни и контејнер од објектот „Бански Рид“, со помош на хеликоптер Ми-17 од составот на сквадронот за транспортни хеликоптери.
Поради сложеноста на задачата, најпрвин се одржа брифинг на кој се планираше рутата по која ќе се лета, мерките за безбедност кои треба да се почитуваат, како и временските услови кои се многу важни при летањето.
На брифингот се разработуваа повеќе сценарија кои би можеле да се случат во текот на летовите како и постапките во дадени ситуации.
Летовите се реализираа под раководство на командантот на воздухопловната бригада и командантот на сквадронот за транспортни хеликоптери поради искуството во летови каде надворешниот товар е закачен за трупот на хеликоптерот преку сајла.
Задачата беше реализирана успешно при што сите цистерни и контејнерот беа дислоцирани во касарната НХ „Страшо Пинџур“.
Извршувањето на вакви задачи е дел од обуката на помладите пилоти, како и одржување во кондиција на поискусните. Во понатамошниот период ќе се продолжи со ваква и слична обука и дообука на летечкиот персонал.