На ден 21.10.2019 година (понеделник), во 11.00 часот во касарната „Илинден“ во Скопје, се одржа воена свеченост по повод „21-ви Октомври“ Денот на Баталјонот за врски.
На свеченоста присуствуваа командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал-мајор Павле Арсоски, началник на секцијата Ј-6 во ГШ на Армијата, полковник Душко Несторов, команданти на првопотчинети единици на ЗОК, поранешни команданти на полкот и баталјонот за врски, претставници од локални самоуправи и претставници на фирми соработници на единицата.
Во своето обраќање, генерал-мајор Павле Арсоски истакна дека припадниците на баталјонот за врски се врвни професионалци и оваа исклучително одговорна работа ја извршуваат во крајно сложени услови, се со цел непречено функционирање на системот за командување и контрола на командите и единиците во Армијата. Во својот говор командантот на баталјонот за врски потполковник Илија Дамчевски меѓу другото истакна дека баталјонот за врски е еден од синонимите за модернизација на нашата армија, знаејќи дека наше секојдневие е преносот на информации преку софистицирани средства и системи, интегрирани во еден Глобален комуникациско информациски систем и дека за нас во баталјонот за врски, извршувањето на мисијата не е дестинација до која лесно се стигнува, туку пат по кој постојано, макотрпно и гордо се чекори.
Во продолжение на активноста беа прикажани дел од системите за врски со кои располага баталјонот за врски кои заедно со високо стручно и професионално изградени старешини и цивилни лица успешно ја извршуваат својата мисија.
На свеченоста беа прочитани и доделени стимулативни мерки по повод Денот на баталјонот за врски. Беше реализирана и хуманитарна акција во соработка со општина „Сопиште“ со цел да ја покажеме хуманата страна и да помогнеме на семејствата кога им е потребна таа помош и беа организирани спортски натпревари.
По повод Денот на единицата, баталјонот за врски организираше и крводарителна акција во Градска општа болница „8ми Септември“ на која учество земаа голем број на припадници на единицата. Преку дарувањето на крв, чин кој преставува највисоко ниво на хуманост, припадниците на дело ја изразија својата солидарност да се спаси и да се продолжи нечиј живот.
Денес, во современите услови на живеење владеењето со информацијата е од непроценливо значење и од таму баталјонот за врски живее и работи под мотото ИНФОРМАЦИЈАТА Е МОЌ.
ДД/ЧС/БН