Во период од 8 до 13.03.2020 година, во Кампот за обука „Пепелиште“ се реализираше Иницијалната планирачка конференција (ИПК) за вежбата „Одлучен удар 21“ со учество на претставници од Националната гарда на Пенсилванија, ВС на САД во Европа и претставници од ВС на Р. Грција. Планирањето на вежбата се реализираше врз основа на Годишниот План за обука и вежби за 2020 година.
На конференција и претходеше Иницијалната планирачка конференција за вежбата „Defender 21“ која се одржа во Будимпешта, Унгарија, од 2 до 06.03.2020 година, на која учествуваше панирачкиот тим на вежбата „Одлучен удар 21“.
Иницијалната планирачка конференција ја отвори бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, кој е одреден за директор на вежбата, при што на учесниците на конференцијата им даде насоки, ги нагласи главните приоритети за оваа фаза на планирачкиот процес.
Во текот на конференцијата од страна на офицерот со примарна одговорност (ОПР) на вежбата, полковник Блаже Николовски беа презентирани целта на вежбата, организациската структура и поставеноста на истата.
Во текот на ИПК беа реализирани следните активности:
- Идентификација на персонал за контрола на вежбата;
- Утврдување на основните листи на главни настани;
- Одредување на потребните побарувања кон командите и единиците од Армијата за поддршка на вежбата;
- Дефинирање на задачите кон единиците на различни рамништа, со одредување на рокови за реализација на обуката и
- Утврдување на капацитети за разместување на единиците на АП „Криволак“.
Согласно планот за работа, беше остварен состанок со претставници од МВР, МНР и Министрството за транспорт и врски и Царинската управа, на кој претставниците на наведените институции беа запознаени со претстојните активности за реализација на вежбата со акцент на нивната инволвираност.
На маргините на конференцијата, претставникот од Националната гарда на Пенсилванија од САД, потполковник Ричард Тилицки беше примен од командантот на Командата за операции во Куманово.
Во рамките на конференцијата беше реализирана обиколка од страна на НГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Командата за операции (КО), генерал-мајор Павле Арсоски, при што беше потпишана и Спецификацијата за вежбата од страна на НГШ на Армијата.
ЧС/БН/МЃ