Во период од 14.05. до 29.05.2014 година во касарната во Церкље, Република Словенија 16 припадници од баталјонот за противвоздушна одбрана (бПВО) од воздухопловната бригада реализираа обука и усовршување за Лесен Преносен Ракетен Систем (ЛПРС) „Игла“.
Обуката се реализира врз основа на билатералната соработка помеѓу армиите на Република Македонија и Република Словенија и се спроведува во две фази, и тоа: теоретска и практична обука.
Во практичниот дел припадниците на бПВО се обучуваа во: тренажни гаѓања на емитирани цели на симулатор „СИГЛА“ и на симулатор „SA-16“, нормирани работи со ЛПРС „Игла“, лансирање на реални цели на полскиот тренажер 9F635 и извршување на основните постапки за подготовка на системот и негова правилна боева употреба. Со дел од припадниците на бПВО, покрај обуката за ЛПРС „Игла“, беше реализирана и обука за ракување со полски тренажер 9F635.
На обуката беа постигнати одлични резултати кои беа потврдени со извршените тестирања (теоретски и практично) од страна на инструкторите од вооружените сили на Република Словенија. На учесниците на обуката им беа доделени сертификати за успешно завршената обука за стрелец против-авионец.
Во текот на престојот во Република Словенија (на 15.05.2014 година), припадниците на бПВО присуствуваа на свеченоста по повод денот на вооружените сили на Република Словенија во касарната во Крањ. Исто така, беше реализирана посета на касарната во Марибор каде беше одржан отворен ден на вооружените сили на Република Словенија.
Оваа обука и усовршување претставува дел од активностите кои претходат на вежбата „Предизвик 2014“ која треба заеднички да се реализира на АП „КРИВОЛАК“ во Септември 2014 година.