Во спомен на загинатите припадници од резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски бачила, заеднички делегации од Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана, положија свежо цвеќе на спомен обележјата на бранителите.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска ја предводеа заедничката делегација од Генералштабот и Министерството за одбрана која положи венец со свежо цвеќе на спомен плочата на загинатите припадници на безбедносните сили во касарната „Илинден“.
Деветнаесет годишнината од загинувањето на осум припадници од резервниот состав на Армијата се одбележа и во Љубанци, Волково и Ѓорче Петров каде заеднички делегации на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана положија свежо цвеќе и се поклонија пред спомен обележјата.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на Армијата на патот кај месноста Љуботенски бачила при активирање на мина животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.