Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во интервју на националната телевизија МРТ 1, говореше за тековниот ангажман на Армијата и активностите кои ги спроведува во прогласената кризна состојба поради Ковид-19, трансформациските процеси, состојбата во Армијата, меѓународниот ангажман и наредните планови и задачи.
На почетокот на емисијата, генералот Ѓурчиновски во име на припадниците на Армијата и свое лично име изрази сочувство на семејствата на починатите граѓани од Ковид-19, меѓу кои за жал имаме и двајца припадници на Армијата кои ја изгубија битката со оваа болест.
Говорејќи за ангажманот на припадниците на Армијата во спречување на ширењето на „Ковид-19“, кој се спроведува согласно одлуката на Врховниот командант на Вооружените сили во овие две недели, генералот истакна дека Армијата ангажира околу 280 свои припадници во поддршка на институциите на системот.
Армијата се ангажира во поддршка на Министерството за внатрешни работи, согласно своите надлежности, конкретно во обезбедување на државните граници и обезбедување на болничките капацитети, додека во поддршка на Министерството за здравство се ангажира во различни форми, во континуитет од почетокот на пандемијата. Поконкретно се ангажира военомедицински персонал составен од доктори и медицински сестри, транспортни услуги за потребите на брзата помош, како и за побарувањата од локалните самоуправи за потребите на здравјето на граѓаните.
„Во рамки на можностите ги отстапивме сите ресурси, материјални и човечки во функција за потребите на Министерството за здравство, со цел што поефикасно справување со пандемијата“– истакна генералот Ѓурчиновски.
Говорејќи за интегративните процеси како полноправна членка во НАТО алијансата генералот истакна: „Очекувам до следната есен целосно да се изврши интеграција во воено-одбранбен контекст и нашите тимови на сите нивоа координирано и континуирано да ги спроведуваат процесите на сите рамништа: од делот на персоналниот менаџмент, логистика, операции, планирање, обука и вежби, кои се заеднички обврски и наделжности“.
Континуитетот на зголемување на буџетот и планирањата кои се прават во Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана обезбедуваат можност да ги оствариме целите кои ни се поставени во однос на опремувањето и модернизацијата, истакна началникот на Генералштабот во однос на очекувањата од НАТО алијансата.
На прашањето за одредените обиди за вмешување на Армијата од страна на нејзини припадници во дневно политичките случувања, генералот Ѓурчиновски категорично истакна дека осудува било какво мешање, политиканство во Армијата и од Армијата кон надвор, притоа соопштувајќи го неговиот личен став дека не поддржува и осудува било какво членување на припадници на Армијата во политички партии или нивни тела, бидејќи со тоа се навлегува вон надлежностите на Армијата.
Говорејќи за учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мировните операции истакна дека во моментот учествуваме во мисиите: „Одлучна поддршка“ во Авганистан, „ЕУФОР-Алтеа“ во Босна и Херцеговина, „Унифил“ во Либан и Мисијата на НАТО „КФОР“ во Косово, а веќе отпочнуваме со штабни старешини и во мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република, додека во следниот период ќе учествуваме и со хируршки тим во Авганистан и ќе го зголемиме учеството во мисијата „КФОР“.
На крајот на интервјуто, генералот Ѓурчиновски оддаде јавно признание на сите припадници на Армијата, војници, старешини и цивилни лица кои максимално пожртвувано ги спроведуваат сите очекувања на државното раководство и Генералштабот и упати порака мотивирано да ги поддржат сите институции каде се ангажирани на достоинствен и професионален начин.