Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес оствари проштална средба со полковник Зоран Јанкович, шеф на Канцеларијата на НАТО за врски која една година по полноправното членство на Република Северна Македонија во Алијансата ја завршува со успех својата советодавна мисија во државата.
Генералот Ѓурчиновски се заблагодари на полковник Зоран Јанкович за досегашниот негов ангажман, нагласувајќи ја безрезервната поддршка, советодавната улога и значењето кое во континуитет ја имаше Канцеларијата за врски на НАТО во координацијата на активностите со НАТО при остварување на нашата стратешка цел.
На средбата од страна на соговорниците се разговарало и за идните активности кои и претстојат на Армијата на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата, тековната трансформација и модернизација со цел потполна интеграција во сите сегменти на НАТО.
Канцеларијата за врски на НАТО во Република Северна Македонија егзистира од април 2002 година, додека во сегашна форма функционира од април 2012 година. Мисијата на Канцеларијата беше советодавна во однос на воениот аспект на реформите кои се спроведуваат во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија на патот кон НАТО, како и обезбедување на поддршка на НАТО здружените операции на Балканот.
Со одбележувањето на една година од полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, Канцеларијата за врски престана да функционира со оглед на нашето директно учество во сите активности на НАТО, како на политички, така и на воен план.