Со воена свеченост во касарната „НХ Мирче Ацев“ во Прилеп, со целосно почитување на препораките и мерките за заштита од ширење на вирусот „COVID-19“, припадниците на артилерискиот баталјон (артб) од составот на 1. пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на 1.пбр, бригаден генерал Бесник Емини и командантите на потчинетите единици.
Во своето пригодно обраќање по повод Денот на единицата, заменикот на командантот на артб, потполковник Сашо Палески се осврна на историјата на единицата, реализираните активности во изминатиот период како и задачите и обврските што следуваат во наредниот период.
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Бесник Емини им го честиташе Денот на единицата со желба за лично здравје на припадниците на артб и нивните семејства, со надеж дека за скоро време, артб и останатите единици од 1.пбр ќе продолжат со нормален тек на извршување на секојдневните обврски и задачи и истакна дека обврските на единицата, согласно новонастаната ситуација продолжуваат.
На свеченоста по повод Денот на единицата беа прочитани честитки и стимулативни мерки за припадниците на единицата.