Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој престојува во дводневна официјална посета на Косово, денес ја реализираше редовната годишна посета на Командата на КФОР во Приштина.
Генералот Ѓурчиновски на состанокот со командантот на мисијата КФОР, генерал-мајор Франко Федеричи, разговараше за нашиот придонес во склоп на оваа мисија на НАТО, за актуелни прашања во рамки на меѓусебната соработка со командата на мисијата, безбедносната состојба во регионот, како и за понатамошните предвидени активности со силите на КФОР.
Генералите Ѓурчиновски и Федеричи, за време на состанокот, ја истакнале досегашната меѓусебна соработка како значајна за севкупната безбедносна состојба во регионот, особено со нашето директно вклучување со персонал во активностите на НАТО мисијата, при што се разгледаа и можностите за збогатување на соработката.
Воената делегација во текот на денешниот ден ги посети и припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои извршуваат задачи во состав на регионалната команда на КФОР во Пеќ. Ова е прва посета на началникот на нашите припадници, по нашиот директен ангажман во мисијата. За време на престојот во Командата во Пеќ, генералот Ѓурчиновски оствари средба и со командантот на оваа команда, полковник Андреа Бертацо и со командирот на нашиот состав и се запозна со задачите кои ги извршуваат припадниците на командата, по што присуствуваше на презентација на средствата и опремата, како и на показна вежба со дел од активностите кои ги изведуваат учесниците во мисијата.
Армијата на Република Северна Македонија, од ноември минатата година, започна со директно учество во мисијата КФОР во состав на регионалната команда на КФОР – Запад со седиште во Пеќ, при што нашите припадници, заедно со припадници од армиите на Италија и Молдавија, извршуваат задачи кои вклучуваат патролирање и обезбедување на манастирот Дечани и командата. Штабниот елемент од контингентот извршува задачи во склоп на главната команда на КФОР во Приштина.
Воедно Република Северна Македонија овозможува поддршка на КФОР во транзитирањето низ нашата земја при царинските и граничните процедури, користење на нашите капацитетите за медицинска евакуација и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување кои се одвиваат преку координативниот центар за поддршка од земјата домаќин.
Редовните планирани состаноци на највисоките раководители на Армијата и КФОР, кои се одржуваат секоја година, се од особено значење за регионалната безбедносна состојба.
Во текот на утрешниот ден, генералот Ѓурчиновски ќе оствари средба со командантот на Косовските безбедносни сили, генерал-потполковник Рахман Рама и со министерот за одбрана на Косово Арменд Мехај.