Началникот на ГШ на ВС на Република Албанија, генерал-мајор Бајрам Бегај како дел од неговата официјална посета на Република Северна Македонија, денес оствари посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
По пречекот со воени почести, генералот Бегај оствари средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Генералите Ѓурчиновски и Бегај за време на меѓусебната средба разговараа за соработката на полето на одбраната помеѓу двете земји соседи и сојузници во НАТО. Беше констатирано дека билатералната меѓуармиска соработка во континуитет е на високо ниво и дека истата придонесува кон безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко.
Генералот Ѓурчиновски го запозна својот колега за тековните трансформациски процеси во Армијата, како и понатамошните активности по нашето потполно воено интегрирање во НАТО, кое го заокруживме по вчерашното потпишување на Заедничката декларација за интеграција. Воедно соговорниците разговараа и за можностите за унапредување на идната соработка како НАТО сојузници, особено во процесот на воената едукација, како и соработката на оперативно рамниште преку изведување на заеднички воени вежби со користење на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“.
На средбата со министерката Шекеринска беше истакната важноста на одбранбената соработка меѓу двете земји како соседи и НАТО сојузници и заедничките заложби за мир, стабилност и просперитет на регионот. Министерката Шекеринска рече дека неодамнешната посета на министерот за одбрана Пелеши на Северна Македонија отвори ново поглавје во односите на двете земји и можности за соработка во кризниот менаџмент, обука и тренинзи. Од страна на началникот на ВС на Албанија, Бегај беа упатени честитки за брзата и успешна воена интеграција на Северна Македонија во НАТО и беше изразена надеж дека сојузништвото во Алијансата ќе резултира со зголемена билатерална соработка во одбраната.
Делегацијата од ВС на Албанија за време на официјалниот состанок се запозна со мисијата и задачите, процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учеството во мировните операции, како и со облиците и можностите за вежбовни активности помеѓу двете армии.
Генералот Бегај за време на официјалниот состанок, по упатените честитки за нашето успешно заокружување на процесот на воена интеграција во НАТО, истакна дека како соседи и сојузници во Алијансата секогаш ќе се настојува за изнаоѓање на нови можности за подобрување на меѓусебната воена соработка.
По посетата на Генералштабот и Министерството за одбрана, генералот Бегај ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.
Делегацијата на ВС на Албанија во текот на посетата ќе има можност да се запознае со дел од активностите на единиците од составот на Командата за операции во касарните „Илинден“ во Скопје и „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово.
Армијата на Република Северна Македонија има развиено добра билатерална соработка со ВС на Република Албанија, која отпочнува со спогодбата за билатерална соработка во 1998 година и таа е најизразена на полето на вежбовните активности, обуката и военото образование, како на билатерален план така и во рамките на регионалните одбранбени иницијативи и проекти: САД-Јадранската повелба (А5), Форумот Б-9, иницијативатаa СЕДМ и бригадата за Југоисточна Европа – СИБРИГ, Центар за безбедносна соработка РАКВИАК и Балканските медицински наменски сили.