На ден 18.02.2014 година (среда) во гарнизоните: Куманово, Петровец, Штип, Тетово, Кичево, Прилеп и Скопје припадниците на Здружено Оперативната Команда (ЗОК) и потчинетите команди и единици го одбележаа Денот на Меѓународниот Совет за Воени спортови (МСВС).
Оваа година по десетти пат припадниците на командите и единиците од составот на ЗОК активно се вклучуваат во оваа спортска манифестација за одбележување на МСВС кој се изведува во организација на ГШ на АРМ.
По постројување на единиците и екипите, командантите на гарнизоните им посакаа постигнување на врвни резултати на натпреварувачите по што започнаа спортските натпревари во дисциплините: мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг понг, стрелаштво, влечење јаже и шах, кои се реализираа на спортските терени и во просториите во касарните.
На натпреварувањата покрај екипи од единиците кои се сместени во гарнизоните учествуваа и повеќе екипи од цивилните структури со кои единиците на АРМ остваруваат соработка.
Со масовното учество на спортските активности се постигна и целта на оваа манифестација која преку спортски активности го промовира здравиот живот, другарувањето, пријателството и психофизичката кондиција како значаен сегмент во обуката на АРМ.
Денешниов ден го одбележа спортскиот дух и постигнување на врвни резултати, а на крајот од натпреварувањата на најдобрите екипи и поединци им беа доделени дипломи.
АРМ е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови од 2005 година при што учествува во сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна армиска асоцијација.