Денес во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево со воена свеченост припадниците од 4.пешадиски баталјон (4.пб), од 1.пешадиска бригада (1.пбр) традиционално го одбележаа 21-ви Мај, Денот на Единицата.
Во текот на свеченоста со пригодни говори и честитање на празникот, се обратија командантот на 4.пб, потполковник Горан Трајаноски и командантот на 1.пбр, полковник Сашко Лафчиски.
Во своите говори се навратија на јубилејните 30 години, од формирањето на Армијата, историјата на единицата, ангажирањето во изминатиот период, сегашните ангажирања и активностите кои претстојат.
На свеченоста по повод Денот на единицата прогласен беше најдобар вод, од составот на баталјонот и доделени беа стимулативни мерки на персоналот кој најмногу се истакна во изминатиот период.
Одбележувањето заврши со реализација на тактичко технички збор (ТТ-збор) во неколку работни точки, на кој учениците од основните и средните училишта како и останатите присутни гости, со разгледување имаа можност да се запознаат со дел од вооружувањето и опремата со кои е опремена единицата. Свеченоста беше збогатена со програма на играорците од културно уметничкото друштво „Бисер“ од Кичево.
Во пресрет на денот на единицата во соработка со Црвениот Крст и одделот за трансфузиологија, се реализираше крводарителна акција во која персоналот доброволно даруваше 51 единица крв.
На денот на единицата присуствуваше началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на 1.пбр, полковник Сашко Лафчиски, поранешни команданти и пензионирани старешини од составот на единицата, претставници од државната управа, јавните установи и служби, претставници на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.