Согласно планот за организација и учество на вежби од меѓународен карактер, во период од 28.09 до 10.10.2022 година со целосна поддршка од Армијата на Република Северна Македонија се реализираше компјутерски асистираната вежба „Seven stars 2022“ во организација на Kомандата на бригадата за Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ).
На вежбата, која се изведуваше со помош на капацитетите на командата за обука и доктрини и придодадената единица од составот на командата за операции, учествуваа повеќе од 200 цивилни и воени припадници на земјите членки на СЕЕБРИГ, како и набљудувачи од НАТО командите за брзо распоредување во Грција и Туркије, ОБСЕ и слични мултинационални команди.
Во текот на вежбата се извежбуваа НАТО процедури при командување и контрола помеѓу командата и придодадените единици во состав на СЕЕБРИГ, преку компјутерски симулирани вежби и вежби на карта со користење на капацитетите на Центарот за симулација во составот на Командата за обука и доктрини.
Оваа вежба од меѓународен карактер имаше за цел подобрување на оперативните способности на Командата на бригадата и придодадените единици во состав на бригадата, со цел подобрување на интероперабилноста при учество во операции за поддршка на мирот, хуманитарни асистенции и операции за одговор при катастрофи.
Во предвидените активности на вежбата на Денот за високи гости, кој ќе се одржи на 6 октомври на АП Криволак, ќе биде прикажана и теренска вежба која ќе биде динамична демонстрација на активности на тактичко ниво на придодадената единица на СЕЕБРИГ од составот на Армијата на земјата домаќин.
Со Вежбата „Seven stars 2022“ се зајакнуваат способностите на СЕЕБРИГ за соработка и стабилност во Југоисточна Европа и воедно се демонстрира подготвеноста за учество во операции за поддршка на мирот во случај на барање на Обединетите нации и ОБСЕ.
Локацијата на Командата на СЕЕБРИГ, која е на ротациона основа, е во касарната „Боро Менков“ во Куманово во период од 2020-2026 година, со што Армијата на Република Северна Македонија покрај учеството на свои единици и штабни старешини во СЕЕБРИГ се покажува како одговорен домаќин во овој шестгодишен период.
Единиците кои се назначени во бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).
Позицијата командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички, на тригодишен период.