Под раководство на секцијата за комуникациско-информациски системи (КИС) од Генералштабот изминатите денови припадници од Армијата специјализирани во оваа област достоинствено ја претставуваа Армијата на вежбата на НАТО Cyber Coalition 2022.
„Cyber Coalition„ беше одлична можност припадниците на Армијата да ги покажат своите знаења и стекнат нови, особено во активностите во кои се симулираат закани и сајбер напади во безбедноста на мрежите и информациите во сајбер просторот.
За време на вежбата се изврши проверување на обученоста во разни постапки, но и обучување на персоналот кој извршува задачи во делот на сајбер одбраната во Алијансата за НАТО мрежната инфраструктура и националните мрежни инфраструктури.
Вежбата се изведуваше со физичко присуство на еден тим во Естонија, составен од припадници од земјите членки на НАТО, организации на Алијансата, цивилни организации како и поканети партнерски земји членки.
Во рамките на планираните сценарија Армијата на Република Северна Македонија беше составен дел од копнениот команден центар (Land Component Command – LCC) под лидерство на Велика Британија и учествуваше со четири тима на издвоени локации низ Републиката кои вршеа анализа и одговор на сајбер инциденти.
Притоа се изведуваа активности како: Напад на некласифицирана мрежна инфраструктура, форензика на компјутери и анализа на малициозни софтвери, напад во мрежата на еден од секторите за воената критична инфраструктура, анализа на заразена мрежа со голем број на „IoT“ уреди и дигитална форензика на „Wiperware“ малициозен софтвер.
Главна цел на вежбата е зголемување на нивото на координација, соработка и зајакнување на способноста на НАТО и сојузниците, за заштита и одбрана на сајбер просторот. Координацијата и соработката вклучуваат извежбување на НАТО и национални процедури, вклучувајќи ги најдобрите искуства низ пракса преку размена на информации, преглед на состојбата во сајбер просторот, советување и донесување на одлуки на воениот персонал и решенија и менаџмент на цивилниот персонал во согласност со националните улоги и одговорности.