На ден 12.04.2023 година, во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, се реализираа спортски натпревари и отворен ден за учениците од средните училишта, по повод „15 април – Денот на Командата за обука и доктрини“.
Спортските активности се реализираа во соработка со локалните здруженија и институции каде уште еднаш покажавме дека организацијата на овие активности е значајна за развивање и унапредување на соработката со истите. Натпреварите во шах и пинг-понг се одржаа во касарната, додека пак натпреварите во стрелаштво и во мал фудбал се реализираа во просториите на Стрелачки клуб Велес и спортската сала „Гемиџии“.
Освен припадниците на КОД на спортските натпревари учествуваа и екипи од локалната самоуправа на градот Велес, Секторот за внатрешни работи Велес, Теритoријална противпожарна единица Велес и други екипи.
Во пресрет на денот на КОД се реализираше презентација на дел од опремата и вооружувањето во единицата, а исто така во рамките на активностите за популаризација на Армијата, се презентираа и дел од активностите на Центарот за обука и дресура на кучиња (ЦОДК), кои предизвикаа голем интерес кај присутните.