Началникот на Генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како дел од планираните активности за време на работната посета на Соединетите Американски Држави, ги посети производствените капацитети на компанијата General Dynamics Land Systems, која се наоѓа во Лондон, Онтарио, во Канада.
Притоа, генералот Ѓурчиновски оствари разговори со одговорниот персонал вклучен во процесот на производството на оклопните возила од типот „Страјкер“, на кои разговараше за динамиката на производство и испорака на оклопните возила од овој вид, како главен проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на Армијата.
Воедно, за време на посетата, пред делегацијата беа презентирани можностите и карактеристиките на овој вид оклопни возила, кои согласно договорот за набавка треба да дојдат во три варијанти и тоа: командни возила, минофрлачка верзија и основен оклопен транспортер.
Испораката на возилата „Страјкер“ на Армијата на Република Северна Македонија се очекува да отпочне во 2024 година, со што ќе бидеме прва армија во Европа која ќе ги поседува овие современи оклопни возила за лесна пешадија.
Претходно, за време на престојот во САД, генералот Ѓурчиновски го посети Пентагон, каде оствари средби со највисоките раководители во Бирото за Националната гарда, Директоратот за стратегија, планови и планирање и експерти за аквизиција и извоз на воена опрема. Потоа во Вермонт, во рамки на одбележувањето на јубилејните 30 години од воспоставување на програмата за соработка со Националната гарда на Вермонт, учествуваше во потпишување на документот со кој се продолжува и продлабочува тридецениската соработка.