Врз основа на воспоставената иницијална соработка за заеднички активности со НАТО корпусот за брзо распоредување во Италија (NRDC-ITA), во неколкудневна работна посета на Армијата на Република Северна Македонија престојуваше експертски тим од оваа команда.
Во текот на престојот, експертскиот тим од оваа команда предводен од бригаден генерал Паоло Фортеза, оствари повеќе средби во Генералштабот, командите и единиците на Армијата со цел согледување и планирање на следни заеднички активности.
Во Генералштабот, бригаден генерал Паоло Фортеза оствари работна средба со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, на која се разговараше за понатамошните активности врз основа на потпишаната нота за приклучување на Северна Македонија кон Меморандумот за разбирање и соработка со овој Корпус на НАТО.
На оваа тема, генералот Фортеза оствари средба и со државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, а во Командата за операции оствари работна средба и со началникот на штаб, бригаден генерал Мирче Ѓорговски и началниците на секциите од штабот.
За време на престојот, претставниците од NRDC/ITA остварија експертски разговори со претставници од секциите во Генералштабот на кои се разговараше за соработката од доменот на операциите на НАТО и логистичката поддршка при реализација на вежби во организација на оваа Команда на НАТО.
Воедно, експертскиот тим изврши извидување и обиколка на армискиот полигон „Криволак“, како дел од подготвителните активности за организација на заедничката вежба на командно место, која е планирана за 2025 година.
Притоа, претставниците од NRDC-ITA имаа можност да се запознаат со капацитетите за сместување, стрелиштата и полигоните за обука со цел успешна реализација на претстојната вежбовна активност.
Со оваа посета се интензивира понатамошната соработка со овој корпус на НАТО за брза интервенција, која отпочна по минатогодишната посета на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на оваа команда и работната посета на командантот на NRDC-ITA, генерал-потполковник Лоренцо Ди Адарио, во април годинава.
Со нашето вклучување кон активностите на овие сили, како земја контрибутор, не само што имаме можност да го зголемиме нашиот придонес во јакнење на колективната сигурност, туку истите ќе придонесат во развојот на нашите способности, обученоста и интероперабилноста при ангажирање во НАТО предводените операции.