Денес 14 септември 2015 година (понеделник), со почеток во 11:00 часот, во касарната „Илинден“ во Скопје, се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на инженерискиот баталјон (инжб) од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр). Должноста командант на инженерискот баталјон од потполковник Дејан Чиплаковски ја прими мајорот Васил Митевски кој досега ја извршуваше должноста началник – офицер за операции и планирање во С-3/5/7 секцијата во инжб.
На свеченоста присуствуваа: началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (ГШ на АРМ), генерал потполковник Методија Величковски, командантот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК), бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, командантот на првата механизирана пешадиска бригада, полковник Зоран Милески, командантите на командите и единиците лоцирани во касарна „Илинден“ – Скопје.
На свеченоста, пригодно обраќање имаше командантот на 1.мпбр, полковник Зоран Милески. Тој истакна дека е горд на досегашните постигнати резултати и успеси кои ги постигна инжб во своите, не така лесни, секојдневни активности. Како командант истакна дека е особено горд на одличните резултати во обуката и вежбовните активности на инжб и од новиот командант очекува збогатување на обуката и успешно раководење и командување со баталјонот.
Свое обраќање на свеченоста имаше и потполковник Дејан Чиплаковски, досегашен командант на инжб. Не криејќи ги своите емоции, тој истакна дека својата досегашна должност ја извршувал со голема чест и гордост. Срдечно се заблагодари на сите припадници на инженерискиот баталјон во стројот, како и на оние кои се во Порој и Гевгелија каде ги извршуваат своите задачи.
Командантот на инжб, мајор Васил Митевски, во своето обраќање се осврна на историјата на инжб и нејзиното славно минато. Знаејќи дека пред него се построени прекалени војници и старешини, водени од вредности на љубов кон татковината, професионалци, дисциплинирани и пожртвувани, спремни да одговорат и на најсложените поставени задачи и предизвици, ќе продолжи со успеси да ја води единицата како и сите претходни команданти. Искрено му се заблагодари на досегашниот командант на инжб за се она што тој го постигна со своето командување за единицата.
Потоа следеше церемонијалното предавање на борбеното знаме на инжб.
Досегашниот командант, заминува на нова должност – Началник на Ј-7 во командата на СЕЕБРИГ во Лариса, Грција.