Припадниците на Командата за операции (КО), со воена свеченост во касарната ,,Боро Менков“ во Куманово, во присуство на министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, го одбележаа Денот на единицата.
На свеченоста, на најголемата команда на оперативно рамниште во Армијата, пред присутните се обратија министерката за одбрана, Славјанка Петровска и командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини, беа доделени стимулативни мерки на припадниците од оваа команда, а се прогласи и најдобра единица од составот на потчинетите формациски единици.
Во своето обраќање, бригадниот генерал Емини истакна дека командата која е еден од главните столбови на одбраната во континуитет работи на подобрување на способностите и вештините на своите состави во областа на операциите и борбената готовност, при што нагласи дека вложувањето во модернизацијата и опремувањето придонесе во подобрување на интероперативноста и интеграција со сојузничките структури со цел заедничко делување и одговор на секој вид закани.
Притоа, на припадниците на КО им порача да продолжат да ги извршуваат своите обврски и задачи со посветеност, личен интегритет и храброст придонесувајќи успешно да се гради ликот на современ воин на нашата армија.
Министерката Петровска истакна дека не само што припадниците на Армијата кои учествуваат во мултинационалните сили на НАТО операциите и даваат придонес кон колективната безбедност, во најголем дел доаѓаат од единици кои се дел од оваа Команда, туку беа и ангажирани во помош и поддршка на нашите сојузници во справувањето со последиците од природните непогоди.
Истакнувајќи дека за поголема мотивираност на секој еден припадник во секоја од единците во Командата за операции, Министерството за одбрана секојдневно работи и за овозможување на подобри услови. „Секој еден припадник на Армијата во овие единици тоа го заслужува, затоа што со секојдневната работа покажувате дека вие сте вистински професионалци со интегритет, со вештини и со способности и дека вие сте патриоти кои целиот свој професионален живот го посветувате на нашата безбедност и сигурност“, кажа министерката.
На припадниците на командата кои се истакнале со остварените резултати во работењето им се доделија повеќе стимулативни мерки, како и на цивилните структури и организации со кои соработува командата, додека за најдобра единица беше прогласен 1.пешадиски баталјон од Кичево, од составот на 1.пешадиска бригада.
Во рамки на свеченоста и на припадниците на единицата, кои во изминатиот период ги исполниле законските услови за пензионирање им се оддаде соодветно признание за нивниот придонес за Армијата во текот на својата работна кариера.
На свеченоста, покрај министерката за одбрана и началникот на Генералштабот, присуствуваа и заменикот на министерот за одбрана Тирон Јајага, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во МО, Владимир Анчев, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски, советникот од кабинетот на претседателот, Блерим Кољали, генералите во Армијата, поранешни команданти на оваа команда, претставници од воено-дипломатскиот кор и командата на SEEBRIG, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, како и претставници од локалната самоуправа и институции со кои соработува оваа команда.
Командата за операции го прославува 17 октомври, како ден на единицата во спомен на еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите на Армијата, кога во далечната 1887 година во селото Кресна, формирањето на првиот познат штаб на организирана армиска формација воедно го означил и кревањето на Македонско-кресненското востание.
Како највисока команда на оперативно рамниште во Армијата, КО е најодговорна за подготовка на командите и единиците од својот состав за извршување на уставните задачи на Армијата, како и учество во мировните операции и придонесување и асистенција на институциите во државата во кризни состојби.