Во периодот од 13 до 17 мај, во касарната „Алексо Дамниевски – Бауман“ во Велес беше реализирана Иницијална планирачка конференција (ИПК) за вежбата „Maple Arch 24“ (МА24).
„Maple Arch 24“ претставува континуитет на меѓународната вежба „MAPLE ARCH“, која оваа година се организира по јубилеен 25-ти пат. МА24 е компјутерски асистирана вежба комбинирана со теренска вежба, предводена од Армијата на Република Северна Македонија, а спонзорирана и поддржана од страна на Дирекцијата за воена обука и соработка со Вооружените сили (ВС) на Канада.
На ИПК, покрај претставници од нашата армија и ВС на Канада, учество земаа и претставници на ВС на Грузија, Литванија, Полска и Украина, кои со свои команди и единици ќе учествуваат и на самата вежба.
На отворањето на конференцијата во своето обраќање кон учесниците, офицерот со примарна одговорност на вежбата (ОПО), полковник Ивица Цветковски изврши дефинирање на обврските и одговорностите со цел насочување на персоналот кон исполнување на доделените задачи, притоа ја истакна важноста на документите кои ќе бидат изработени, а кои понатаму ќе бидат основа врз која ќе се креира и организира целокупната вежба.
Планирачкиот процес за вежбата „МА24“ продолжува во месец јули, за кога е планирана реализација на Главната планирачка конференција (ГПК), а реализацијата на самата вежба ќе се случи кон крајот на месец ноември и почетокот на месец декември.