На ден 07.08.2016 година во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп со воена свеченост беа одбележани 15 години од загинувањето на десет припадници од резервниот состав на артилерискиот баталјон од Прилеп.
Во 2001 година, на пат кон Тетово кај месноста Карпалак, загинаа капетанот во резерва Нане Наумоски, поручникот во резерва Сашо Китаноски и воените обврзници Бранко Секулоски, Веби Рушитоски, Горан Миноски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски, Пецо Секулоски, Ердован Шабаноски и Љубе Грујоски. Тие својот живот го положија во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Во чест на загинатите, свежо цвеќе на споменикот во кругот на касарната положија делегации на артилерискиот баталјон, локалната самоуправа и Советот на Општина Прилеп, Сојузот на борците, Одделението за одбрана за регион Прилеп, здруженијата на бранители и семејствата на загинатите.
Присутните потоа ја разгледаа Спомен собата во кругот на касарната посветена на загинатите кај Карпалак.
На ден 08.08.2016 година, делегација на артилерискиот баталјон изврши полагање на свежо цвеќе на гробовите на загинатите во градските гробишта на Прилеп и на споменикот во центарот на Прилеп.