Заменик началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, присуствуваше на свечената церемонија по повод примопредавање на должност командант на операцијата на НАТО- КФОР, во Косово.
На активноста која се реализира во главната команда на операцијата во Приштина, должноста командант на КФОР од досегашниот командант генерал-мајор Озкан Улуташ ја презеде генерал-мајор Енрико Бардуани со што се означи и преземање на раководењето на КФОР од турските вооружени сили на италијанските вооружени сили.
Генералот Бардуани е 29-ти по ред командант на КФОР и 14-ти италијански генерал кој ќе командува со мисијата КФОР.
Во рамки на активноста, генералот Нуредин оствари и средба со припадниците од македонскиот контингент кои извршуваат должности во операција КФОР.
Армијата на Република Северна Македонија ја отпочна мисијата во ноември 2020 година, со контингент од 44 припадници на Армијата, составен од штабни офицери и вод за обезбедување. Од април 2021 година придонесот во НАТО операцијата „КФОР“ е зголемен со дополнителен вод со што нашето учество достигна 65 припадници.
Водовите за обезбедување во командата на КФОР – „Запад“ ги извршуваат задачите заедно со припадници на Армиите на Италија, која е носечка земја за овој сектор и припадници на Армиите на Австрија, Хрватска, Молдавија, Полска, Словенија, Швајцарија и Турција.