Министерот за одбрана Талат Џафери и Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес во Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“ ги посетија новопримените професионални војници на АРМ, кои се наоѓаат на Курс за основна борбена обука.
За време на посетата, Министерот за одбрана и НГШ на АРМ, ги согледаа условите за живот и работа и организацијата на курсот, при што пред нив од страна на професионалните војници беа изведени повеќе содржини од обуката која со нив се изведува во изминатиов период.
Во оваа прилика, од страна на министерот за одбрана и НГШ на АРМ беше констатирано дека курсот кој се реализира во рамките на програмата за развој на професионалните војници е од исклучителна важност за понатамошното ангажирање, стручно специјалистичко усовршување и професионалниот развој на војниците.
Курсот за основна борбена обука започна на 25-ти февруари 2014 година и е предвидено да заврши на почетокот на април. После реализацијата на основниот курс за обука, професионалните војници ќе бидат распоредени во единиците на АРМ.
Министерот Џафери и генералот Котески остварија увид во работата на планирачките конференции за вежбите „Македонски Блесок-10“ и „Брз Рис“, кои моментално се одржуваат во ЦО „Пепелиште“. На овие вежби е предвидено да се изврши оценување според концептот на НАТО на декларираните единици на АРМ за учество во операции предводени од НАТО и ЕУ.