На 4 јули 2025 година, во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод 5 јули – Денот на Хеликоптерскиот сквадрон (Хс), со што се одбележа континуираниот развој и значењето на оваа воздухопловна единица во рамки на воздухопловниот ВИНГ на Армијата.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на вВИНГ, полковник Драган Павловски, претставници од Генералштабот на Армијата, претставници од Командата за операции, Командата на воздухопловниот ВИНГ, како и претставници од командите на други единици на Армијата.
Пред присутните се обрати командантот на Хеликоптерскиот сквадрон, потполковник Феми Љумани, кој истакна дека Хеликоптерскиот сквадрон и неговите припадници со хеликоптерите Ми-8/17 се уникатни по своите дела во Армијата. Согласно мисијата, тие даваат поддршка на единиците на Армијата по различни основи како транспорт, превезувања, но и учествуваат на национални и меѓународни вежби во разни улоги.
Во своето обраќање, командантот на вВИНГ, полковник Драган Павловски, се осврна на почетоците на развојот на хеликоптерските капацитети, нагласувајќи ја посветеноста и жртвата на припадниците на сквадронот во текот на изминатите години. Тој на припадниците на единицата им порача дека ова е ден кога треба да се потсетат дека за да бидат успешни во исполнувањето на предизвиците, напорите треба да ги насочат кон целосна посветеност и професионален однос кон сите поставени задачи, лојалност и стручна подготвеност на секој припадник на Хс. „Командантите се толку успешни и ќе имаат толку напредок, колку ја имаат поддршката и сплотеноста на сите вас”, истакна полковник Павловски.
Дополнително тој ја нагласи и важноста на модернизацијата на единицата со нови капацитети. Се истакна важноста на трансформацијата на Хеликоптерскиот сквадрон во современа и оперативно подготвена воздухопловна единица, способна да ги исполнува задачите согласно стандардите на НАТО. Во наредниот период се очекува сквадронот да биде опремен со повеќенаменски хеликоптери.
Во рамки на свеченоста, на заслужни припадници на единицата им беа доделени стимулативни мерки за постигнатите резултати и покажаниот професионализам.