Во период од 03 до 07 ноември 2025 година во касарната „Јане Сандански“ во Штип беше реализирана Иницијална планирачка конференција (ИПК) за вежбата „Блесок 26“. Оваа конференција е дел од планирачкиот процес за успешна реализација на националната вежба која е наменета за оценување на борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), согласно Стандардите на НАТО за оценување на борбената готовност на копнени команди и единици.
На отворањето на ИПК директорот на вежбата, полковник Игор Арсовски, ги поздрави присутните и нагласи дека ефективното и прецизно планирање е основа за постигнување на успехот на вежбата „Блесок 26“. Тој истакна дека оваа фаза од планирачкиот процес е од големо значење за организирање и координирање на сите аспекти на вежбата, со цел успешно оценување на борбената готовност на ЛПБГ, која како декларирана единица во НАТО има клучна улога за Армијата.
Во текот на конференцијата, групата за планирање работеше на планот за вежбата со фокус на следните клучни сегменти:
- Изработка на потребните документи за развој на модулите од сценариото;
- Изработка на целите за обуката;
- Првична идентификација на Листа на главни настани;
- Одредување на задачи и рокови за примарните и секундарните елементи за обука.
Конференцијата заврши со потврдување на заклучоците од ИПК и утврдување на следните чекори за понатамошниот тек од планирачкиот процес на вежбата. Подготовките ќе продолжат во декември 2025 година со организација на работилница за изработка на концептот на операции и подготовка на детални планови за теренската реализација на вежбата.








