По повод одбележувањето на 154-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, делегација на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска оддаде почит на неговото историско и бесмртно дело.
Во рамките на чествувањето, делегацијата положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, со што беше изразена длабока почит кон еден од најзначајните борци за слободата и самобитноста на македонскиот народ.
Идеалите за слобода, правда и пожртвуваност, кои ги отелотворува ликот и делото на Гоце Делчев и денес претставуваат трајна инспирација и морална водилка за припадниците на Армијата.








