Во период од 2 до 6 февруари 2026 година, во касарната „Јане Сандански“ Штип беше реализирана работилница за финализирање на документите за вежбата „Блесок 26“ (Б26).
На самото отворање на работилницата, директорот на вежбата го истакна задоволството од досегашниот тек на планирачкиот процес и изработените документи за вежбата, во чии рамки ќе биде реализирано оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), согласно Стандардите за оценување на борбената готовност на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО (CREVAL).
На работилницата, тимот за планирање работеше на дефинирање на главните настани и инциденти, со што се обезбеди реално сценарио за учесниците на вежбата. Воедно се изврши и ажурирање на побарувањата и ограничувањата за реализација на вежбата Б26.
Паралелно со тимот за планирање на вежбата, во Центарот за обука „Пепелиште“ работеше и оценувачкиот тим одреден за оценување на борбената способност на ЛПБГ, во насока на финализирање на документите од нивен домен.
За првпат, во рамки на планирачкиот процес, беше инволвиран и тимот што ќе ја извршува улогата на претпоставена команда (HICON) на единицата која се оценува, при што истиот ја изработи сопствената оперативна наредба.
Во рамки на работилницата се одржа координативен состанок меѓу тимот за планирање на вежбата, тимот за оценување на ЛПБГ и тимот од ќелијата HICON, при што беа допрецизирани клучните документи и активности за успешна реализација на вежбата. Дополнително, беа извршени извидувања на дел од локациите на АП „Криволак“.
Како наредна и последна активност од планирачкиот процес за вежбата е финалната координативна конференција, планирана да се реализира во месец март 2026 година.








