Заменик- началникот на Ј-5 на US EUCOM, генерал Крис А. Мекини, денеска, во рамките на работната посета на Армијата оствари средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На средбата беа разгледани актуелните безбедносни предизвици во светот и регионот. Посебен акцент во текот на состанокот беше ставен на процесот на модернизација и опремување на Армијата, како и подготовките на единиците на Армијата, кои се дел од пакетот на цели на способности.
Во текот на денешниот ден, генералот Мекини го посети и сајбер-оперативниот центар на Армијата, каде се запозна со капацитетите и активностите во доменот на сајбер-одбраната.
Генералот Мекини ја посети и Првата пешадиска бригада (1.пбр) во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, каде оствари средба со командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски. За време на посетата генералот Мекини беше информиран за Лесната пешадиска баталјонска група, единица која во текот на овој месец ќе биде оценета според Стандардите за оценување на борбената готовност на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО.
За време на посетата на касарната, генералот Мекини ги обиколи припадниците на Армијата кои изведуваа основна обука на Лесните оклопни возила STRAYKER, како и обука за одржување на овие возила.








