На ден 08.05.2026 година во касарната „Боро Менков“ – Куманово со воена свеченост припадниците на четата за атомска, биолошка и хемиска одбрана (чАБХО), од составот на Команда за операции го одбележаа Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на Команда за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на 1. пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, команданти на првопотчинети единици и началници на секции од Командата за операции.
Командирот на единицата, поручник Марија Михајловска во своето обраќање истакна: „Единицата е составена од високо обучен кадар, кој во секое време може да обезбеди НХБ заштита како на единиците на Армијата така и на цивилните структури во државата и е единствената единица која во своето име го содржи зборот „ОДБРАНА“, збор за кој вреди да се положи и животот за сопствениот народ и кој нас војниците не поврзува со славното минато и не прави горди во сегашноста“.
На свеченоста по повод Денот на единицата беа прочитани честитки и стимулативни мерки за припадниците на единицата, а за најдобро одделение од чАБХО беше прогласено 1.одделение од 2.вод.
На крајот од свеченоста, командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски на сите припадници од единицата им го честита денот и им порача да останат горди што се припадници на родот АБХО, кој претставува важна карика не само во современото војување, туку и неопходен сегмент во борбата против тероризмот и современите безбедносни закани, особено заканите со хемиско оружје.








