Во период од 11 до 15 мај 2026 година, на армискиот полигон за обука ,,Пенуш“ припадници од вториот пешадиски баталјон (2.пб), четата за воено разузнавање (чВР), првиот пешадиски баталјон (1.пб) и третиот пешадиски баталјон (3.пб), од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр), реализираа обука за оператори со тактички беспилотни летала (БпЛ).
Обуката беше реализирана согласно Стандардните оперативни процедури за употреба на беспилотни летала во Армијата и Правилото за ракување и одржување на БпЛ.
Целта на обуката беше ставање во оперативна функција на БпЛ, согласно намената, преку стекнување нови знаења, усовршување на практичните вештини и кондицирање на веќе стекнатите способности на операторите од составот на 1.пбр.
Во рамки на обуката, беспилотните летала беа употребувани во различни временски и климатски услови, вклучително и дејствување во услови на намалена видливост, ноќни услови, високи температури и засилен ветер, со што дополнително се потврди подготвеноста и обученоста на персоналот за реализација на задачи во сложена оперативна средина.
ГЃ/ДЧ








