Во период од 8 до 12 јуни 2026 година, во организација на Армијата, се одржува Вториот меѓународен семинар за развој на подофицерскиот кор на тема „Образование денес – оперативни способности утре“. Семинарот го отвори бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командант на Командата за операции, кој во своето обраќање ја истакна важноста на континуираното образование и професионалниот развој на подофицерскиот кадар како клучен фактор за зголемување на оперативните способности на Армијата и зајакнување на интероперабилноста со сојузничките и партнерските армии.
На семинарот, покрај припадници на македонската Армија, учествуваат претставници од Командата на САД за Европа (USEUCOM), Вооружените сили на Словенија, Хрватска, Црна Гора и Безбедносните сили на Косово. Настанот претставува значајна платформа за размена на искуства, добри практики и идеи поврзани со професионалниот развој на подофицерите како носители на лидерството, обуката и борбената готовност во современите армии.
Во текот на семинарот учесниците дискутираат за три клучни области: унапредување на интероперабилноста преку усогласување на системите за воена обука, идентификување на потребите и предизвиците во професионалното воено образование на подофицерите, како и можностите за интегрирање на напредни технологии во процесот на образование и обука.
Посебен акцент е ставен на размената на искуства во развојот на подофицерските образовни системи, програмите за менторство, меѓународната соработка и размена на студенти, како и на примената на современи дигитални алатки и технологии кои сè повеќе го обликуваат военото образование на 21 век.
Преку презентации, работни сесии и дискусии, учесниците ги разгледуваат можностите за понатамошно продлабочување на соработката меѓу партнерските армии и заедничко унапредување на професионалниот развој на подофицерскиот кадар.
Семинарот потврдува дека инвестицијата во образованието и развојот на подофицерите претставува директна инвестиција во оперативните способности, подготвеноста и отпорноста на вооружените сили. Воедно, настанот придонесува за зајакнување на меѓусебната доверба, партнерството и интероперабилноста меѓу сојузничките и партнерските армии.









