Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска оствари проштална средба со одбранбеното аташе на Соединетите Американски Држави во нашата држава, полковник Ден Сквајерс, по повод завршувањето на неговиот ангажман во земјава.
На средбата беше потенцирана успешната билатерална армиска соработка која се реализира преку бројни заеднички вежбовни активности, поддршката за развој на армиските капацитети, како и поддршката на САД на полето на едукацијата на припадниците на Армијата во реномирани военообразовни институции во САД, како значаен придонес во развојот на професионалните капацитети на Армијата.
Генералот Лафчиски, во знак на признание за придонесот во унапредување на соработката меѓу двете армии, на полковникот Сквајерс му додели Златната значка на Армијата за партнерство, координација и соработка и Голема плакета на Армијата, како и му посака успех во понатамошната кариера и во извршувањето на идните професионални обврски.
Полковникот Ден Сквајерс ја извршува должноста одбранбено аташе на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија од 2024 година. Пред назначувањето во нашата држава, полковникот Сквајерс извршувал повеќе должности, меѓу кои одбранбено аташе на САД во Република Гана, Република Того и Република Бенин, а во својата воена кариера бил распореден и во мисии во Ирак и ИР Авганистан.








