Во периодот од 03-07.08.2026 година делегација од Армијата на Република Северна Македонија предводена од началникот на одделение за психолошки операции во Ј-3/ГШ на Армијата, полк. Стојанче Костов, реализира посета на 3/124 баталјон за информациски операции од состав на Националната Гарда (НГ) на Вермонт, САД.
Посетата претставува дел од серијата Mil to Mil размени во областа на информациските операции спроведени помеѓу НГ на Вермонт и Армијата во периодот 2023–2026 година, а во соработка со U.S. Military Group – North Macedonia и ги поддржува напорите на Армијата за развивање одржлива способност за информациски операции, интегрирана со психолошките операции и други способности поврзани со информациското дејствување.
Посетата беше насочена кон размена на знаења, искуства и најдобри практики поврзани со психолошките операции и информациските операции. Беа остварени средби со командниот кадар на единицата, планери и инструктори за информациски операции, при што се разговараше за тековните практики, актуелните доктрини за информациски операции и можностите за идна соработка.
Делегацијата имаше можност да го посети Регионалниот центар за технолошка подготвеност (RRTC) во Нортфилд и да се запознае со неговите капацитети и можности за реализација на обука и курсеви. Беше овозможено и набљудување на наставата од Курсот за тактичкиот планери на информациски операции (TIOPC) кој се реализираше во виртуелна средина за обука. За време на престојот, заедно со тим од 3/124 баталјон за информациски операции се изработи рамка и прелиминарен план за Курсот за тактичкиот планери на информациски операции (TIOPC) кој е планиран да се реализира во нашата земја во месец ноември оваа година. Се разговараше и за идните иницијативи за развој на способностите во областа на информациските операции за периодот 2027–2028 година, вклучително и можностите за обука, едукација и развој на „Train the Trainer“ курс за информациски операции.
На крајот од посетата, делегацијата беше примена од страна на бригадниот генерал Метју Браун, Директор на Здружениот штаб на НГ на Вермонт, при што од наша страна беше изразена искрена благодарност за континуираната поддршка, беспрекорната соработка и трајната посветеност во рамките на Програмата за државно партнерство помеѓу земјите.
Армијата високо ги вреднува активностите на САД и НАТО во областа на психолошките и информациските операции и останува посветена за продолжување и проширување на заемната соработка и во иднина.








