Во периодот од 31.01.2017 – 02.02.2017 година во посета на инженерискиот баталјон (инжб) од составот на првата механизирана пешадиска бригада при здружената оперативна команда го посети тим од 15-тиот инженериски баталјон на Армијата на Соединетите Американски Држави (САД) во Европа (15.eng bn/US force-Europe) предводен од нејзиниот командант, потполковник Џефри Хол.
Претставниците на тимот ги пречека командантот на инжб, кој ги запозна со клучниот персонал на командата и штабот на инжб. За време на посетата се изврши презентација на единицата, каде што тимот се запозна со: историја на единицата, мисија и организациско-формациската стуктура на инжб, неговите декларирани единици, учеството на вежби во земјата и странство, позначајни активности кои ги има извршено инжб во изминатиот период и актуелните активности.
Согласно Планот за посета на тимот организирана е посета на инженериската работна група ангажирана на јужната граница. Претставниците на тимот од САД извршија увид во практичната работа на инженериската работна група на јужната граница и се запознаа со активностите кои ги изврши инжб во периодот од почетокот на мигрантската криза до денес. Тимот на Армијата на САД изврши и разгледување на моторните возила, инженериските машини и инженериската опрема со кои располага инжб.
Оваа посета се реализира во соработка со Канцеларијата за билатерална соработка на Армијата на САД за 2017 година со Армијата на Република Македонија. Тимот на 15-тиот инженериски баталјон на Армијата на САД во Европа и клучниот персонал на инжб во завршната анализа на посетата се согласија за продолжување на соработката во понатамошниот период.