Воената соработка помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Вооружените сили на Република Турција континуирано се проширува во повеќе области на одбраната. Од денес со потпишување на протоколот за донација на пушки помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Република Турција се овозможува поголема интероперабилност на припадниците на двете армии при извршување на заедничките активности во мировните операции.
Во касарната „Илинден“, протоколот за донација во име на двете министерства го потпишаа државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ и резидентното одбранбено аташе на Република Турција, полковник Урек Бурхан.
Во склоп на потпишувањето на протоколот, на кое присуствуваше и директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески се презентираа и тактичко-техничките карактеристики на пушките кои се формациско вооружување на ВС на Република Турција.
Со потпишување на протоколот се овозможува, по приемот на донацијата, припадниците на Армијата на Република Северна Македонија да се извежбуваат во ракување и фамилијаризација со вооружувањето на сојузничката Армија кое ќе придонесе во интероперабилноста во мировните операции со припадниците на ВС на Република Турција со кои имаме долгогодишно искуство, особено во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан каде извршуваа задачи во рамки на турскиот контингент.
Овој чин претставува продолжение на севкупната поддршка, во полето на одбраната, од Република Турција како наш стратешки партнер, кој во досегашниот период со многубројни донации, меѓу кои беше и претходната донација на влечен воз, ни овозможува скратување на потребното време во процесот на потполна интеграција во НАТО.