Армијата на Република Северна Македонија, постапувајќи согласно процедурите за ангажирање во мирновремени услови кога не е прогласена кризна состојба и добиеното барање од Центарот за управување со кризи, активно се вклучи во поддршката на државните институции за справување со последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во координација со кризниот штаб во Кочани, над 140 припадници на Армијата, со потребниот број на моторни возила и материјално-технички средства, како и еден воен хеликоптер со обезбедени полетно слетни платформи на повеќе локации во државата, беа ангажирани за поддршка на цивилните институции.
Покрај тоа, Армијата има значајна улога во координацијата на странската медицинска поддршка, односно на воените воздухоплови од Република Бугарија, Република Србија, Република Турција, Романија, Кралството Белгија, Луксембург, Израел, Република Австрија, Република Италија, Република Словенија, Република Полска, Република Грција и Република Унгарија.
Генералштабот на Армијата останува во постојана комуникација со надлежните институции за понатамошна поддршка.