Секоја поддршка на припадниците на Армијата, во спроведувањето на мерките за спречување на ширење на корона вирусот, која во вид на донации на потребна заштитна опрема се доделува од останати субјекти и поединци, е секогаш добредојдена и заслужува благодарност.
По тој повод, од страна на Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, Државниот секретар во министерството за одбрана, Драган Николиќ и директорот на генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески се искажа благодарност и се врачи благодарница на претставникот на „Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари – Скопје“, др. Бојан Трајковски, кои донираа 450 парчиња на заштитни визири.
Визирите изработени од активисти од „3Д принт медицинска опрема“, кои се вистинските херои во оваа акција, ќе овозможат поголема лична заштита на припадниците на Армијата, пред се на медицинскиот персонал и персоналот кој во извршувањето на дадените задачи има директен контакт со друг персонал и граѓани.
Со оваа и понатамошната понудена искрена солидарност и поддршка во вакви средства доколку за тоа се укаже потреба, Асоцијацијата заедно со соработниците, кои волонтерски изработуваат ваков вид на опрема, придонесуваат не само за зголемена лична безбедност на армиските припадници, туку со тоа и за полесно справување со ширењето на глобалната пандемија со вирусот „Ковид-19“ во Република Северна Македонија.
Во изминатиот период по прогласувањето на вонредната состојба поради пандемијата, Армијата на Република Северна Македонија извршува повеќе доделени задачи во поддршка на институциите и граѓаните, со што го дава својот придонес во спречување на ширењето на пандемиската вирусна инфекција.