Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Унгарија предводена од генерал Тибор Бенко, придружувана од Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, за време на денешната посета на караулата „Богородица“ се запозна со актуелната состојба на јужната граница поврзана со мигрантската криза.
Пред делегацијата беа презентирани и дел од активностите кои АРМ ефективно ги спроведува согласно доделените задачи за зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница.
„Начинот на кој Армијата на Република Македонија ги спроведува активностите при справување со заканите и ризиците предизвикани од мигрантската криза, пред се во спречување на нелегалните минувања и неконтролирано движење од страна на мигрантите, се од големо значење не само за безбедноста на Република Македонија туку и за Европската Унија“, се искажаните впечатоци на делегацијата при денешната посета на јужната граница на Република Македонија.
Со примена на разновидни тактички мерки и процедури единиците на АРМ, ангажирани на јужната граница секојдневно успешно спречуваат многубројни поединечни и групни обиди за нелегални преминувања на државната граница.
Претходно, делегацијата го посети Армискиот полигон „Криволак“ каде беа презентирани можностите кои ги овозможува полигонот за изведување на специфична воена обука. Притоа од страна на припадници од полкот за специјални намени се изведе тактичко показна вежба во еден од капацитетите наменети за обука во урбана средина.
На крајот од дводневната посета, од страна на генералите Величковски и Бенко се истакна потребата од координирано настапување и споделувањето на искуствата и научените лекции помеѓу партнерските армии кон постигнување на заедничките цели во предизвиците од мигрантската криза, како и континуирана размена на стекнатите искуства што е и една од целите на НАТО воениот сојуз.