Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по неговото учество на заседанието на воениот комитет на НАТО во Брисел, денес се наоѓа во официјална посета на здружената команда на НАТО во Брунсум.
За време на престојот во Брунсум, генералот Ѓурчиновски оствари средба со командантот на оваа здружена команда, генерал Рикардо Маркио, по што имаше работен состанок со клучниот персонал на здружената команда.
На состаноците се разговараше за тековните и претстојни активности кои е потребно да се реализираат во процесот на потполно интегрирање на нашата армија во НАТО структурите, како и за планираните заеднички воени активности со НАТО.
Помеѓу останатото се дискутираше и за потенцијалниот придонес на единиците од нашата армија во силите за брз одговор на НАТО, откако нашето членство ќе биде ратификувано.
По завршување на состанокот генералот Ѓурчиновски во текот на утрешниот ден ќе оствари средба и со претставникот на Обединетото Кралство во НАТО, генерал потполковник Сер Џорџ Нортон, на која ќе се разговара за билатералната воена соработка и согледување на можностите за заеднички активности.