Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во рамки на неколкудневната посета на Босна и Херцеговина денес го посети главниот штаб на мисијата на ЕУФОР-АЛТЕА во кампот Бутмир во Сараево.
По приемот во базата, генералот Ѓурчиновски се сретна со командантот на мисијата, генерал-мајор Александер Плацер, каде е разговарано за задачите на мисијата АЛТЕА и нашиот придонес во мисијата во која учествуваме од ноември 2006 година, при што е иницирана и можноста за зголемување на нашето учество во рамките на мултинационалниот баталјон, кој е составен дел од ЕУФОР силите во БиХ.
По завршувањето на состанокот делегацијата предводена од генералот Ѓурчиновски положи цвеќе на спомен обележјето на македонските мировници кои трагично загинаа во хеликоптерската несреќа во 2008 година.
За време на посетата на базата делегацијата оствари краток состанок и со нашиот претставник во мисијата, мајор Златко Данилов, кој подетално го запозна генералот Ѓурчиновски за доделените задачи кои ги извршува во рамки на мисијата.
Армијата на Република Северна Македонија отпочна со учество во мисијата ЕУФОР „АЛТЕА“ од јули 2006 година со декларирање хеликоптерски деташман, кој дополнително беше зајакнат со медицински тим за „ROLE 1“ медицинска поддршка.
Во текот на досегашното 15 годишно учество во мировната операција на ЕУ, согласно побарувањата учествувавме и со штабен персонал, а со промената на структура на силите во операцијата од декември 2018 година придонесуваме во мисијата со еден штабен офицер.
Придонесот кон операцијата „АЛТЕА“ претставува потврда на цврстата определба на Република Северна Македонија за силен придонес кон Заедничката безбедносна и одбранбена политика и Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како потврда на севкупните напори на Република Северна Македонија за интеграција во Унијата.
На 12 јануари 2008 година, се случи трагична хеликоптерска несреќа кај катлановско Блаце во која животот го загубија 11 припадници на Армијата на самото враќање од успешно завршената мисија во БиХ, а кои беа дел од третата ротација на хеликоптерскиот деташман.