Денес, 15 октомври 2013 година (среда), во Центарот за обука „Пепелиште“, започна оценувањето (НАТО 1) на Леснaта маневарска болница на АРМ, кое се одвива во рамките на вежбата „Македонски блесок – 9“ . Оценувањето се реализира според Концептот за оперативни способности на НАТО, а го спроведува оценувачки тим на НАТО, кој денес ги оценуваше интероперабилноста и оперативната способност на болницата, како главен предуслов за спроведување на следните нивоа на оценувања, согласно овој концепт.
Според сценариото на вежбата, се оценуваше имплементацијата на стандардните оперативни процедури за укажување на прва помош, прием, тријажа, хируршки третман и стабилизирање, во услови на масовен број на сериозно повредени лица во Лесната маневарска болница и нивната медицинска евакуација по воздушен пат, со примена на неопходен третман од повиско ниво на здравствена заштита.
НАТО оценувањето – Ниво 1 има исклучително значење за Лесната маневарска болница на АРМ, од причина што за првпат се оценува единица од овој тип, која е декларирана за упатување во мисии предводени од НАТО, ЕУ и ОН. Во обиколка на вежбата, денес на Армискиот полигонот „Криволак“ беше началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, кој беше придружуван од командантот на Здружената операивна команда генерал-мајор Методија Величковски и командантот на 1.механизирана пешадиска бригада бригаден генерал Павле Арсоски. Инаку, во рамките на цивилно-воената соработка, денес учесниците на вежбата „Македонски Блесок – 9“ донираа еднодневна ужина на децата од Државното средно училиште (ДСУ) за образование и рехабилитација „Искра“ во Штип. За покажаната хуманост, директорката на ДСУ „Искра“, Штип до припадниците на АРМ изрази благодарност при што им врачи рачно изработена ракотворба.