Логистичката база која е највисоката единица од доменот на логистиката во Армијата и првопотчинета команда на Генералштабот, со воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, го одбележа Денот на единицата.
На свеченоста по повод Денот на единицата, пред присутните се обратија началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик-министерот за одбрана, Тирон Јајага и командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми.
Генералот Ѓурчиновски честитајќи им го на припадниците на логистичката база Денот на единицата, им оддаде признание и благодарност за досегашните постигнувања и притоа им порача да продолжат со несмален интензитет и професионално како и досега во извршување на доделените работни задачи.
Заменик-министерот, Јајага истакна дека логистичката поддршка е еден од главните столбови на Армијата активно придонесувајќи во секоја активност на припадниците на Армијата, во и надвор од границите на нашата држава, но и логистичка поддршка при транзит на сојузничките сили.
Командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми, во своето обраќање истакна дека единицата во изминатиот период беше активно посветена на обезбедување континуирана и навремена логистичка поддршка за редовните активности на Армијата, поддршка на составите кои се упатуваат во меѓународните операции и поддршка на меѓународните вежби.
Тој истакна дека без присуство на логистиката не е можна реализација на било каква воена активност или операција, но за непречена реализација на активностите и логистиката мора да се прилагодува и да биде побрза и поефикасна. „Брзото и навремено распоредување на силите подразбира и ефективна и сеопфатна логистичка поддршка, која е витална за успешно исполнување на оперативните способности и цели на борбените единици“, истакна Мухареми.
Согласно воениот протокол и програмата, на одреден број на припадници на единицата, за постигнатите резултати во работењето им беа доделени повеќе стимулативни мерки, а воедно беа соопштени и унапредувања во повисок чин.
На денешната свеченост покрај началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик-министерот за одбрана, Тирон Јајага присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, командантот на Командата за операции, бригаден генерал, Бесник Емини, активни и пензионирани армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на единици на Армијата, Министерството за внатрешни работи и други институции и организации со кои соработува логистичката база.
Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, Логистичката база го прославува 20 мај, во спомен на денот кога во 1876 година започнало Разловечкото востание и првите логистички подготовки за отпочнување на истото.
Логистичката база во целиот период на постоење на Армијата извршува планирање, организирање, координирање на логистичката поддршка на командите и единиците на Армијата на повисоко рамниште во функционалните области: снабдување;одржување и поправка; движење и транспорт; медицинска и ветеринарна поддршка и инфраструктура и услуги.
Логистичката база во досегашниот период следејќи ги формациските и структурни промени на Армијата функционираше како заднинска база, Команда за логистика, Команда за логистичка поддршка и Бригада за логистичка поддршка.