Со полагање на цвеќе на спомен-обележјата пред командата на Воздухопловната бригада (вбр) во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и на местото на несреќата кај катлановско Блаце се одбележа деветгодишнината од трагичното загинување на единаесет припадници на вбр.
Почит на загинатите припадници, покрај членовите семејствата им оддадоа и делегации од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Министерството за одбрана предводена од министерот Зоран Јолески, Генералштабот на АРМ предводена од заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, Здружената оперативна команда, вбр и првата механизирана пешадиска бригада.
Во хеликоптерска несреќа кај катлановско Блаце, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Почит на загинатите припадници на АРМ беше оддадена и во кампот Бутмир, Сараево, Босна и Херцеговина, од каде учесниците во мисијата АЛТЕА тргнаа на последниот лет.