Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес во седиштето на штабот на НАТО корпусот за брзо распоредување во Солун, ја оствари својата прва официјална посета на Вооружените Сили на Грција.
По пречекот со високи воени почести во НАТО корпусот, генералот Ѓурчиновски, оствари средба со началникот на генералштабот на одбраната на Грција, генерал Христос Христодолу, како и со командантот на НАТО корпусот, генерал потполковник Костантинос Кутрас, по што делегацијата имаше работен состанок со клучниот персонал на оваа команда.
На денешниот состанок помеѓу генералите Ѓурчиновски и Христодолу е разговарано за билатералната воена соработка, која е од значење не само за меѓусебните односи како скорешни НАТО сојузници, туку и за безбедноста на целиот регион.
Притоа е разговарано за понатамошно унапредување и проширување на постоечката билатералната воена соработка како идни НАТО сојузници врз основа на договорот за соработка во одбраната потпишан од страна на министерствата за одбрана на двете држави. Во контекст на одлуките од договорот, началниците на генералштабовите го потпишаа техничкиот аранжман за надзор на воздушниот простор „Air– policing“.
На состанокот станало збор и за тековните и претстојни активности кои Армијата на Република Северна Македонија ги спроведува во процесот за потполно интегрирање во структурите на НАТО.
Делегацијата предводена од генералот Ѓурчиновски оствари посета и на 34-та механизирана бригада од составот на грчките вооружени сили, каде по средбата со командантот на бригадата е запознаена со активностите, мисијата и задачите на бригадата.
Воената соработка помеѓу двете армии досега беше опфатена претежно преку СЕДМ иницијативата, бригадата на Југоисточна Европа, но и во полето на воено образование на наши припадници во грчките високи образовни институции и изучување на грчкиот јазик.