Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, во придружба на Началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа на отворениот ден за граѓаните на Битола кој е дел од планираните активности на воената вежба „Одлучен удар“.
На платото пред Домот на култура во Битола од страна на учесниците на вежбата „Одлучен удар“ ,припадниците на полкот за специјални операции и артилерискиот баталјон, пред присутните беа претставени дел од борбените и неборбени моторни возила, вооружување, средства, опремата кои се ангажирани на оваа најголема воена вежба досега организирана во Република Северна Македонија.
Овој пат, на задоволство на граѓаните отворениот ден беше збогатен со приказ на демонстрација на боречки вештини, извлекување со хеликоптер со користење на техника „Грозд“, алпинистички вештини при евакуација на повредени цивили од висококатница во изведба на припадници на полкот за специјални операции, како и прелет на хеликоптери од воздухопловната бригада.
Претседателот Пендаровски, во изјава за медиумите истакна дека прикажаната опрема, вооружување и персонал се дел најголема воена вежба во историјата на нашата земја, со околу 2.700 војници. Кажа дека присуството на над 1.200 американски војници е показател дека стратешкото партнерство меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави е успешно и ефикасно, со чија помош очекуваме до крајот на годината да ја постигнеме и формално најголемата стратешка цел која ја имаме зацртано уште во деведесетите, а тоа е полноправното наше членство во НАТО алијансата.
Началникот на генералштабот, генералот Ѓурчиновски истакна дека самото присуство на граѓаните во голем број и искажаниот интерес за оваа активност ја отсликуваат поврзаноста на армијата со цивилните структури и ја потврдуваат довербата која армијата ја има кај граѓаните.
Покрај претседателот Пендаровски и генералот Ѓурчиновски на активноста присуствуваа и вршителката на должност, амбасадорка на САД, Микаела Швајцер-Блум, градоначалникот на општина Битола, г-ѓа Наташа Петровска, командантот на полкот за специјални операции бригаден генерал Методија Хаџи-Јанев и претставници од амбасадата на САД.
Присутните можеа преку директна комуникација со припадниците на армиите имаа можност поблиску да се запознаат со опремата и постапките и процедурите кои ги извршуваат учесниците на вежбата.
Од почетокот на вежбата како дел од активностите од цивилно воена соработка, покрај граѓаните на Битола и граѓаните на Гевгелија, Свети Николе, Радовиш, Струмица имаа можност да се запознаат со дел од средствата и опремата, додека до крајот на вежбата таа можност, веќе утре ќе ја имаат и граѓаните на Гостивар, а на 5ти јули и граѓаните на Скопје.
Вежбата „Одлучен удар“ која се изведува во период од 05.06 до 09.07.2019 година на армискиот полигон „Криволак“ и на која учествуваат околу 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора има за цел зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците, подобрување на интероперабилноста, унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.